Skip to content Skip to footer

Магијата продолжува – заврши 3. Фестивал на инклузија

Од 20 до 23 јуни, во Парк Македонија – Општина Кисела Вода се одржа 3-то издание на Фестивалот на инклузија, креирајќи ненадминлива позитивна енергија, поддршка и заедништво.

3. Фестивал на инклузија, организиран од Здружението Икуалити, во соработка со организацијата „Визија Плус“, а поддржан од Општина Кисела Вода, храбро и истрајно ја потврди својата основна мисија дека секој еден од нас умее и може, со вистинска поддршка и љубов од околината.

Третото издание на Фестивалот на инклузија ги разбуди најдлабоките емоции, ги ангажираше и вклучи сите генерации, инспирираше преку музиката, мотивираше преку заедничките и интегративни дружења, создаде незаборавни спортски доживувања, понуди филмско уживање и уште еднаш докажа дека со цел да стигнеме поблиску до целта -  рушење на бариерите и создавање на отворено општество

Свеченото отворање на фестивалот започна на 20 јуни со настап на инклузивниот бенд на дечиња од училиштето „Димитар Влахов“ со оштетен вид, под водство на професорот Кристијан Тасевски и со настапот на пијанистката Ема Ананиевска, кои гордо ја претставуваат заедницата на лица со попречености.

За прв пат од оваа година, Здружението Икуалити започна и со доделување на наградите „Шампиони на инклузија“ за оние чија општествена и лична одговорност вистински и директно допринесува кон зајакнување на процесот на социјалната инклузија. Оваа година првите награди беа доделени во следните категории: Шампион на инклузија – амбасадор: Дејвид Гир, Шампион на инклузија – градоначалник: Орце Ѓорѓиевски, Шампион на инклузија – јавна личност: Ирена Спировска, Шампион на инклузија – лице со попреченост и организација: Ирена Поповска и организацијата „Пркос“, Шампион на инклузија – општествено одговорна компанија: КБ Прво пензиско друштво.

На официјалното отворање беше објавен повикот за најдобра инклузивна фестивалска фотографија „Сликни инклузија“, во рамки на кој сите имаа можност да ги забележат и објават магичните фестивалски моменти и на тој начин да учествуваат и освојат вредна награда.

Во изложбата „Заедно МОЖЕМЕ“ учествуваа 65 детски цртежи, подготвени од креативните рачиња на децата од општинските основни училишта од Кисела Вода, а истите беа доказ дека нашите различности не прават посебни и прекрасни. Трите награди ги понесоа: Јелена Кајевска (V-5 одделение) од ООУ „Круме Кепески“, Дарко Станојевски (VI-2 одделение) од ООУ „Климент Охридски“ и Марија Миленковска (V-5 одделение) од ООУ „Круме Кепески“.